Корона вирусот ја наполни Клиничката болница Штип

Ковид заразата ги полни болничките кревети во Истокот. Клиничката болница во Штип, е полна со ковид позитивни пациенти со што повторно како Ковид центар се става во функција Кожното одделение. Моментално слободни се само два кревети, слична ситуација како претходниот ковид бран кој за зафати нашата држава во ноември и декември минатата година. Половина од пацинетите се на кислородна поддршка.

„Од денеска го ставивме во функција одделот за Кожни болести, кој во претходниот период беше ковид центар, повторно префрливме дел од полесните пациенти, таму ќе префрлиме 10 пациенти. Од оние кои се со полесна слика се со цел да ослободиме дел од болничките кревети кои се на Инфективниот оддел.“ – истакна директорот на Клиничка болница Штип, др. Георгијев.

Модуларната ковид болница која беше пуштена во функција во саботата, почна од вчера со прием на пациенти. Од 29 кревети за ковид пациенти потполнети се 15, од кои 11 се на кислородна поддршка во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна Директорот на Општата болница со проширена дејност, Кочани, Серафимов. Сега во Кочани се препраќаат и ковид пациентите со полесна клиничка слика од Штип, но и од останатите општини во Истокот.  Во најскоро време се очекува да биде пуштена во употреба и модуларната кови болница во Штип со што ќе се обезбедат дополнителни 49 кревети. И понатаму препораките се исти, да се носи заштитна маска, да се одржува дистанца и да се користи средство за дезинфекција.

Лаура Стојанова М-Нет