Трајче Сенев: Амбициите на ФК Осогово за пролетниот дел се пласман од 4 – 5 место

Заврши есенскиот дел во Втората фудбалска лига на Македонија – Исток во кој тимот на Осогово од Кочани заврши на 7 место на табелата со 19 освоени бодови. Лошиот старт беше причина за вака нискиот пласман за што во финишот на првенството дојде и до промена на тренерското „кормило“. На местото шеф на стручниот штаб беше наименуван Трајче Сенев, искусно тренерско име кој со својата вредна работа се има покажано и докажано во повеќе македонски екипи. Трајче Сенев деби натпреварот со екипата на Осогово го имаше во 15 коло кога на стадионот Никола Мантев во Кочани „падна“ екипата на прилепска Победа со резултат 2:0 . Во последното 16 есенско коло играчите на Осогово бесот го исфрлија во Росоман победувајќи ја домашната истоимена екипа со висок резултат 1:7 и го запоседна 7 место на табелата.

Трајче Сенев ја истакнува одличната организација во клубот и секако добриот прием од раководството кон него. Задоволен е од учинокот на играчите и со таков победнички дух би сакал да продолжат и во пролетниот дел. Во разговорот нагласи дека играчкиот кадар ќе остане во истиот состав а можни се и неколку засилувања во зимскиот преоден рок со цел зголемување на конкуренцијата во клубот.

Амбициите на сите во клубот е тимот на Осогово да оствари пласман најмногу од 4 до 5 место за што се има квалитет а и бодовната разлкика е тука некаде со останатите екипи. Кочани е со голема фудбалска традиција и тоа мора да продолжи и во натамошниот период како аманет за многубројните симпатизери кои годинава поради пандемијата за жал и те како недостасуваат на трибините.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk