
Вечерва во Гевгелија се отвара 11. коло на Првата ракометна лига на Македонија со натпреварот меѓу Партизан и Аеродром, меч каде скопскиот тим ќе има улога на фаворит, а домаќинот ќе го бара своето четврто славје.
Саботната програма нуди три средби.
Преспа на домашен терен ќе има тешка задача со ланскиот суперлигаш Пролет, гостинот од Скопје во Ресен патува како фаворит за двата бода.
Овче Поле од Свети Николе ќе гостува кај ланскиот суперлигаш Радовиш. По двата катастрофални порази радовишани од Вардар Неготино и Македонија ЃП ќе бараат враќање на победите против тимот од Свети Николе.
Двете екипи се во идентична форма. Радовиш има 11 бодови од четири победи со три реми средби и три порази, а пак Овче Поле има учинот одшест победи и четири порази за 12 бодови.
Лидерот Вардар Неготино на домашен терен ќе се соочи со Илинден, домаќинот е фаворит за деветто сезонско славје, а со тоа и чување на два бода предност пред Пролет и Драчево Јуниор.
Во недела исто така се играат три средби.
Во Штип ќе се одигра натпреварот меѓу Текстилец УГД и Драчево Јуниор, уште едно дерби за штипјани против скопски тим. По драмата во претходното коло и двата примини гола во финишот Текстилец УГД остана без победа и мораше да се задоволи со реми против Аеродром.
Драчево Јуниор има 15 бодови и го дели второто место со Пролет, а пак Текстилец е на деветтото место со 11 бода.
Средбата се игра во салата „Тошо Арсов“ во Штип од 14 часот.
Јехона како фаворит гостува кај Шампион кој е претпоследен на табелата, а пак Македонија ЃП како апсолутен фаворит гостува кај „фенерџијата“ Сокол Саса во Македонска Каменица. Средбата ќе се игра во салата „Кирил и Методиј“ од 18 часот.
Александар Ванев, М-Нет