
Викендот се играат мечевите 13. коло кое е последно за есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига, а по истото ќе остане да се одигра само одложениот меч меѓу Работнички и Брера Струмица, меч кој може да направи промени во горниот дел од табелата, а меч кој ќе биде клучен за „романтичарите“.
Последната есенска рунда може да направи промени како во горниот, така и во долниот дел од табелата, а екипите во средишниот дел од табелата да се зацврстат на средината од табелата, но и да имаат момент за повисок пласман и полесна пролет.
Лидерот Охрид ќе гостува во Кочани каде ќе се соочи со Осогово, дуел од кој трите бодови се капитални, „рибарите“ да бидат есенски шампион, „жетварите“ да може да ја напуштат по првпат опасната зона.
Новаци има идеална шанса со победа да го затвори есенскиот дел, на домашен терен ќе се соочи со последнопласираниот Шкупи, со триумф тимот на Новаци ќе има 14 бодови и ќе направи скок од едно место на табелата, ако радовишани загубат од „романтичарите“.
Токму мечот во Радовиш има големо значење за двете страни. Ако Детонит Плачковица загуби тогаш ќе се спушти зад Новаци, а може и да заврши во опасната зона ако и Осогово дојде до три бода, од тука притисок за радовишани да го добијат Работнички. Но, „црвено-белите“ целат на три бода во Радовиш, ја имаат фаворитската улога и се надеваат на позитивен резултат, а ако го добијат и одложениот меч со Брера, тогаш сигурно ќе бидат пред Пелистер и ќе презимат како втори.
Кожуф и Македонија ЃП играат дуел од средината на табелата, победникот од овој меч ќе има многу помирна пролет. Три бодови за Кожуф ќе значат и петто место на табелата, но и израмнување на четвртото место ако Камјани и Брера не забележа победи. Три бода за „лавовите“ ќе значи скок до дури петтото место, но ќе зависи од резултатите на останатите екипи.
Тетекс на на домашен терен ќе ја пречека Брера дуел каде и двете екипи сакаат враќање на победничките патеки. Струмичани имаат шанса по два порази да се вратат на победи и доколку го добија и одложениот меч да фатат последен „воз“ за бараж за Прва лига, секој неуспех ќе ја сведи пролетната борба за првите три позиции меѓу Охрид, Пелистер и Работнички.
Тетекс со три бода ќе има 19 и ќе ја помине Брера на табелата во ВМФЛ.
Пелистер ќе има повеќе од лесна задача во оваа коло, ќе гостува кај Еуромилк во Горно Лисиче со што битолчани имаат идеална шанса со победа да го затворат есенскиот дел, а за „лисиците“ се освен пораз ќе биде успех.
Беласица на домашен терен ќе игра со Камјани во меч каде струмичани ќе бараат експресно враќање на победите по поразот од лидерот Охрид во претходното коло, а пак дебитантот е во налет и котира на високото четврто место, а со три бода во Струмица ќе биде сигурно четврти назима.
Сите мечеви се играат в сабота од 13 часот.
Александар Ванев, М-Нет