ЛДП: Собранието го падна испитот на Денот за елиминација на насилството врз жените – наместо празно портокалово светло, веднаш да се изгласаат електронските нараквици!

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, Собранието на Македонија не го положи испитот. Наместо празни декларации, протоколарни говори и осветлување на институциите во портокалово, ќе беше вистински и симболичен успех токму на овој ден пратениците да го усвоеја предлог-законот на Либерално-демократската партија (ЛДП) за воведување електронски нараквици за насилниците – со што директно ќе се превенираа нови трагедии и ќе се спасеа човечки животи, велат од ЛДП преку соопштение.

„Делата говорат многу повеќе од зборовите. Не сакам веќе да говориме, барам во овие 16 дена да го усвоиме законот кој го поднесовме. Во спротивно, наместо за ‘активизам‘, ќе говориме за собраниски неуспех“, порача Моника Зајкова, пратеничка во Собранието и лидерка на ЛДП.

Од партијата велат дека додека власта и институциите испраќаат декларативни пораки за поддршка, трагичната реалност говори дека податокот на Обединетите нации за зголемување од 70 проценти на пријавените случаи на родово базирано насилство во првите десет месеци од 2026 година е аларм за итна реакција, а не повод за уште една прес-конференција. Жените-жртви немаат луксуз да чекаат уште 16 дена, ниту пак нова работна група, бидејќи насилниците не прават пауза, а за нив секој изгубен ден е прашање на живот и смрт.

Двапати досега, додава ЛДП, пратеничкото мнозинство дозволи предлог-законот за електронски нараквици да биде одбиен и одложуван, додека зад нас веќе броиме 7 фемициди и епидемија на насилство. Телефонски линии и ПР-кампањи не можат да ја заменат одговорноста на државата.

ЛДП бара итно усвојување на законот за електронски нараквици во текот на овие 16 дена, доследно спроведување на заштитните мерки, функционални засолништа, бесплатна правна и психолошка помош за жртвите, како и конкретна одговорност за секој институционален пропуст.

Текстот ЛДП: Собранието го падна испитот на Денот за елиминација на насилството врз жените – наместо празно портокалово светло, веднаш да се изгласаат електронските нараквици! е превземен од МАКФАКС.