
На 78 години почина Миланчо Черкезов, поранешниот пратеник и човекот што го донесе каратето во Штип. Штипјани ќе го паметат по неговата долгогодишна работа и како тренер кој изведе на пат цели генерации млади спортисти.
Уште во далечната 1971 година, Черкезов го основал Карате клубот „Партизан“, прв ваков клуб во градот. Како тренер, од неговата сала излегле бројни мајстори и шампиони. Под негово водство штипските каратисти станале шампиони на Македонија во 1987 година, а во 1993-та го направиле и големиот успех во Будимпешта, каде биле петти во Европа.
Освен во спортот, Черкезов бил ценет и во својата струка. Како магистер по земјоделство, со години бил на раководни места во некогашниот комбинат „Црвена ѕвезда“, а од 1998 до 2002 година и пратеник во македонското Собрание.
За сè што направил добил многу награди и признанија, но за Штип најважно е тоа што зад себе остави стотици млади кои преку него ги направија првите чекори во спортот.
Иван Митев, М-Нет