Од доаѓањето на ВЛЕН на власт, албанските граѓани имаат можност стручните испити и постапките за лиценцирање да ги полагаат и на албански јазик. Тоа не беше така во минатото. Сè што слушате од албанската опозиција е само обид за манипулација со фактите и обид да се факторизира самата себеси, изјави Изет Меџити од Влен.
Тој наброја кои стручни и државни испити отсега ќе се полагаат и на албански јазик.
„Испитот за овластени државни ревизори, кој денес се полага на албански јазик во рамките на Државниот завод за ревизија; Испитот за осигурителни агенти, кои добиваат лиценца МАПАС; Стручниот испит за експерти за оцена на влијанието на проектите врз животната средина; Стручниот испит за експерти за стратегиска оцена на животната средина; Испитот за директори на установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст; Испитот за воспитувачи во предучилишните установи; Испитот за негуватели во предучилишните установи; Испитот за стручни соработници во предучилишните установи; Стручниот испит за лекари; Стручниот испит за стоматолози; Стручниот испит за медицински сестри“, рече Меџити.
Тој додаде дека за првпат во рамките на Министерството за култура е формирана посебна единица за превод и лектура.
„Сакам да биде јасно за сите: во Северна Македонија не се случува никаков регрес во однос на употребата на албанскиот јазик, ниту пак има прекршување на Законот за употреба на албанскиот јазик. Напротив, со нашето доаѓање на власт и за помалку од две години владеење, ВЛЕН не само што ги зачува постојните решенија, туку ги унапреди и решенијата што недостасуваа во насока на постигнување јазична рамноправност. Нашиот ангажман во оваа насока покажува дека заштитата и унапредувањето на јазичните права на Албанците не е само политичко ветување, како што беше случај во минатото, туку се претвора во конкретни и опипливи резултати за граѓаните“, рече Меџити.
Тој кажа дека од 2002 до 2024 година стручните испити, лиценцирањето, државните испити и другите форми на стручно оспособување во рамките на државните институции се одвивале на македонски јазик, без оглед на тоа на кој јазик кандидатот ги завршил студиите.
„Денес имаме поинаква реалност. Започнавме со правосудниот испит и многу брзо албанските студенти ќе имаат можност овој испит да го полагаат на албански јазик“, рече Меџити.
„До пред две години, државните и стручните испити беа 100% на македонски јазик. Наследивме систем со делумни решенија, со отворени прашања, но со многу пропаганда. А пропагандата никогаш не била одговор на проблемите. Таа беше само инструмент за обезбедување владеење на една дискредитирана политичка класа која ветуваше многу, а реализираше малку. Отворајќи го поглавјето на стручните испити на албански јазик, ние го правиме она што ДУИ 20 години само го ветуваше. Ова не се само административни промени. Ова се нови можности за албанските граѓани, за младите професионалци и за сите оние што сакаат да напредуваат во својата кариера без да се соочуваат со јазични бариери“, рече Меџити.
Тој кажа дека ВЛЕН ќе продолжи со ангажманот албанскиот јазик да се почитува во секоја институција, во секоја постапка и во секој процес во кој албанските граѓани ги остваруваат своите права.
Текстот Меџити: Од доаѓањето на ВЛЕН на власт, албанските граѓани имаат можност стручните испити да ги полагаат и на албански јазик е превземен од МАКФАКС.