Што го очекува новиот тренер на Брегалница, Џенгис Реџепи откако ги презеде „сините“?

Штипскиот прволигаш Брегалница го доби третиот тренер оваа сезона по 14 кола, Џенгис Реџепи од вчера и официјално ги презеде „сините“ за што објави М Нет телевизија.

Брегалница сезоната ја започна со Никола Кузманов, по што следуваше тренерска промена и на негово место пристигна Мијалче Прошев, првично како привремено решение, но се задржа подолго од планираното.

Сега, на местото на младиот Прошев пристигна искусниот Џенгис Реџепи, но што го очекува новиот стратег на „сините“ од Штип?

Брегалница по 14 кола е на седмото место на табелата со 14 бодови, колку што има и Башкими кој е место подолу на табелата. Целта на Брегалница за оваа сезона е јасна – директен опстанок односно пласман во топ седум зоната со цел да се избегне и баражот.

До крајот на есенскиот дел остануваат четири кола, веќе во следното 15. коло Брегалница ќе гостува кај Шкендија Арачиново, потоа на домашен терен „сините“ ќе се соочат со Силекс, следува гостување кај Скопје во Автокоманда и есенската етапа се затвара со мечот против Тиквеш во Штип.

Целта ќе биде што е можно повеќе бодови да се освојат од овие 12 кои се на располагање.

Реџепи своето деби ќе го има веќе в петок кога Брегалница ќе гостува на Чаир и ќе ги одмери силите со Шкендија Арачиново. Ова ќе биде дуел од кој трите бодови се капитална важност.

Реџепи е искусен стратег, кој ги има предводено Беса, Љапи (Албанија), Дуќагини, Лирија, Фероникели, Трепча и Влазними од Косово, беше и асистент тренер во турски Сиваспор, а пак во период од 2017 до 2021 година работеше како помошник во македонската фудбалска репрезентација со тогашниот селектор Игор Ангеловски.

Претходно, како што објави М Нет телевизија раководството на клубот ја прекина соработката со голманот Амир Јашар, а дефитивно за време на зимскиот преоден рок ќе има реконструкција. Дали и во каков обем ќе биде истата ќе покаже времето, а до тогаш ќе треба „сините“ да освојат што е можност повеќе бодови до крајот на есенскиот дел за да имаат поголема бодовна залиха пред стартот на пролетниот дел.

Александар Ванев, М-Нет