Сања Адамовска од Баскет Кам и Александра Божинова од делчевски Патриот во петорката на 5. коло на Првата кошаркарска лига

Петарката на петтото коло на Првата женска кошаркарска лига ја сочинуваат една кошаркарка на Баскет Кам од Македонска Каменица, една на Патриот од Делчево и три кошаркарки на Пробаскет.

Искусниот бек на Баскет Кам, репрезентативката Сања Адамовска имаше неверојатен учинок на мечот против Патриот, откако на теренот помина нешто над 37 минути успеа да оствари дабл-дабл учинок со 26 поени и 14 скока. Имаше шест погодени тројки од осум обиди, додека за два поени имаше максимален ефект (4/4). Беше блиску и до трипл-дабл, со девет асистенции, а придодаде и пет освоени топки. Со ваквиот комплетен настап заслужено стигна до највисоки 48 индексни поени во петтото коло.

Душица Мицева од екипата на Пробаскет имаше одличен натпревар против Гевгелија. За речиси 36 минути на теренот постигна 21 поен, со реализација на седум од 13 обиди за два поени и седум од десет обиди од линијата за слободни фрлања, со 25 скока, од кои дури 12 во нападот. На учинокот додаде и три асистенции и една блокада, доволно за одлични 40 индексни поени.

Ангела Мегленова, исто така кошаркарка на Пробаскет зад себе имаше одличен меч. За 38 минути и 26 секунди на теренот, реализираше 20 поени, со четири погодени тројки од осум обиди, а запиша и десет скока и девет асистенции. Само едно успешно додавање ја делеше од двоцифрен учинок во три статистички категории. На тоа придодаде три освоени топки, а натпреварот го заврши со 28 индексни поени.

Уште една кошаркарка на Пробаскет е во првата петорка, тоа е Фросина Алексова. За нешто повеќе од 29 минути на теренот во сала „Јасмин“ постигна 15 поени, со одлична реализација од поле односно 1/1 за три и 6/10 за два поени, а оствари и дабл-дабл ефект со десет скока. Нејзиниот придонес беше дополнет со три асистенции и дури пет освоени топки, за вкупно 28 индексни поени.

Во првата петорка на 5. коло се најде кошаркарката на Патриот од Делчево, Александра Божинова, која покрај поразот на нејзиниот тим од Баскет Кам во Македонска Каменица имаше одличен настап. На терено во салата „Кирил и Методиј“ имаше нешто над 37 минути игра, со што успеа да оствари дабл-дабл учинок со 15 поени и исто толку скока. Во обидите за два поени имаше седум од десет, а реализираше и едно од двете слободни фрлања. Забележа и две асистенции и една освоена топка, за конечен индекс на успешност од 27 поени.

Првата петорка на 5. коло на Првата женска кошаркарска лига ја сочинуваат Сања Адамовска од поранешниот шампион Баскет Кам, како и Душица Мицева, Ангела Мегленова и Фросина Алексова од екипата на Пробаскет, како и кошаркарката на Александра Божинова од екипата на Патриот од Делчево.

Втората петорка ја сочинуваат Зораја Дејвис од екипата на МЗТ Скопје Аеродром, Милица Николиќ од редовите на Вардар, Сара Петровска од екипата на Гевгелија, кошаркаркат на Бадел, Линдзи Клири, како и Вања Милосављевиќ од тимот на МЗТ Скопје Аеродром.

Александар Ванев, М-Нет