Николоски најави автопати без патарини, наплатата ќе се врши по изминат километар

Наместо запирање на наплатни рампи и плаќање фиксна сума, возачите во Македонија во иднина ќе плаќаат за користење на автопатите според изминатите километри. Новиот модел предвидува целосно електронска наплата, без физичко запирање на возилата и задржување на наплатните станици какви што ги имаме сега, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тоа значи дека висината на надоместокот ќе зависи од растојанието што возачот го поминал на автопатот. Колку подолго се користи автопатот, толку повеќе ќе се плаќа, а оние што поминуваат пократки делници ќе плаќаат помалку.

,,Не зборуваме за отворен или затворен систем на патарини, туку воопшто нема да има патарини на патот и начинот на којшто ќе се наплаќа користењето на автопатот ќе биде по изминат километар, што е далеку, далеку поправедно од системот којшто го имаме сега. Првата примена на овој систем е планирана на автопатот Охрид – Кичево, чија изградба треба да заврши до крајот на мај 2027 година. “, информираше Николоски

Со ова се очекува да се модернизира системот за наплата, да се намалат метежите и задржувањата на автопатите, како и да се овозможи побрзо, поефикасно и поправедно плаќање за користење на патната инфраструктура.

Ева Тушевска, М-Нет