Клековски: Законот за пушење цигари треба да се донесе најбрзо што може, истиот е во собраниска процедура на второ читање

Законот за пушење цигари е во собраниска процедура во фаза на второ читање и треба да биде ставен во распоред за да се донесе најбрзо што може, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. Одговарајќи на новинарско прашање кога се очекува донесувањето на законот за пуњето цигари, тој посочи дека е во комуникација со коалициските партнери, додавајки дека нема некои отворени значајни прашања, оти сите веќе биле претходно опфатени.

,,Во основа тој е во собраниска процедура,второ читање, јас сум во комуникација со коалициските партнери бидејќи има амандмани. Мислам дека треба да биде ставен во распоред и најбрзо што може да донесе. Нема некои значајни прашања отворени таму. Сите значајни прашања беа претходно апсорбирани.”, вели Клековски

Инаку, законот беше предложен од претходниот министер за здравство, Азир Алиу, а целта, како што тој велеше, беше да се заштити јавното здравје, непушачите и младите, како и да се воведат европски стандарди за превенција од штетните последици на тутунските производи. Предлог-законот од јуни е во собраниска процедура, каде што заглави на второ читање пред Комисијата за здравство поради поднесените осум амандмани, меѓу кои и предлог за воведување посебни пушачки соби. Сегашниот министер Клековски се спротивстави на ваквите измени со оценка дека тие не се реално изводливи и можат да овозможат заобиколување на суштината на законот.

Иван Митев, М-Нет