
Пишуваат на малолетници на социјалните мрежи и онлајн игрите, се претставуваат како нивни врсници, пријатели или симпатии, а откако ќе им ја стекнат довербата, почнуваат сурово да ги уценуваат за интимни фотографии и видеоснимки, самоповредување и насилство. На ваков начин измамниците од опасната онлајн група „764“ ги фаќаат децата во својата мрежа и ги принудуваат дури и на дејствија опасни по живот. За сериозноста на оваа тема, денес МВР упати апел до сите родители, старатели и наставници. Целта на апелот е навремено да се препознаат знаците на опасност и да се заштитат најмладите.
Најчесто, контактот со децата и младите го воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос. Откако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија кои можат да имаат животозагрозувачки последици.
Материјалите што ги добиваат потоа ги користат како средство за дополнително заплашување, уценување и контрола врз жртвите.”, вели Андреевски
МВР апелира родителите и старателите да обрнат особено внимание на евентуални промени во однесувањето на децата, како што се:
Ненадејни промени во однесувањето, повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост;
Зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот;
Интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и платформите за онлајн игри;
Примање заканувачки пораки, уцени или барања за испраќање фотографии и видеоснимки;
Необјаснети повреди, исеченици, гребнатини или други можни знаци на самоповредување;
Изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.
Овие промени не мора да значат дека детето е жртва на ваква група, но доколку се забележат, важно е да не се игнорираат. Потребни се внимателен пристап, отворен разговор со детето и, доколку постои сомнеж за злоупотреба, навремена реакција.
Иван Митев, М-Нет