12 стари штипски народни песни вчера оживеаја на сцената во салата на Економскиот факултет во Штип

Дванаесет стари штипски народни песни, вчера оживеаја на сцената во салата на Економскиот факултет при УГД во Штип. Во рамки на мултимедијален проект, песните беа изведени во живо од Градскиот хор Штип, под раководство на Баже Лазаревски.

Пред секоја песна беше прикажан краток видеозапис со историски податоци, стари фотографии и сведоштва за личностите кои се опеани во овие песни. Проектот е резултат на долгогодишните теренски истражувања на штипјанецот Александар Донски, кој уште на 24-годишна возраст ги снимал песните од старите жители на Штип, собирал фотографии и податоци за нивното потекло.

Меѓу песните што беа изведени беа „Разболела се Ленка Пингова“, „Мери Томчо стојрам алва“, „Марије млада невесто, елај се Маре потурчи“, како и песната посветена на Рајна Бурева. Дел од нив за првпат беа претставени пред публиката, додека за други, иако се познати, малку се знае за вистинските личности и настани што стојат зад нив.

Голем дел од песните се поврзани со Ново Село, стариот дел на Штип, кој претставува значаен дел од историјата и традицијата на градот.

Подготовките за концертот од хорот велат дека траеле околу два месеца, а во реализацијата учествувале членовите на Градскиот хор, музичари и проф. д-р Илчо Јованов, кој ги подготвил музичките аранжмани на сите 12 песни.

Со овој мултимедијален проект, старите штипски песни добија нов сценски живот, а приказните за луѓето, настаните и времето во кое настанале беа доближени до публиката, како потсетување на богатото музичко и културно наследство на Штип.

Иван Митев, М-Нет