
Ржан леб, леб со семки и леб со кисело тесто се меѓу најпопуларните видови леб во последно време. Сè повеќе потрошувачи ги избираат овие производи поради нивниот специфичен вкус, состав и квалитет, тврди пекарот Николче Малинов. За М-Нет ТВ, Малинов ја откри специфичната рецептура за подготовка на белиот леб со кисело тесто, кој сè повеќе го привлекува вниманието на потрошувачите.
,,Во најнов тренд во последно време се белите лебови со кисело тесто. Тоа значи дека во рецептурата ставаме многу малку свеж квасец, ставаме кисело тесно, кое се само формира. Рецептурата за киселото тесто се добива од вода и брашно, и оставаме 2, 3 до 4 дена да само створи квасец, така со тоа го подобруваме квалитетот, исто така и варењето на овој леб дава добри резултати, добро се вари, луѓето немаат тегоби како порано и се намалува секако и глутенот. Не значи тоа дека глутенот уште го нема, но се намалува глутенот и тоа е добро за здравјето на луѓето“, истакна Малинов
Според Малинов, зголемениот интерес за темните лебови и лебовите со семки се должи на нивните здравствени придобивки, полесната дигестија и помалку тегоби при варењето.
,,Можам да кажам дека во тренд е се повеќе побарувањето на црните лебови и лебовите со семки, така да белиот леб и ние го преферираме се помалку да го произведуваме, бидејќи гледам дека луѓето повеќе ги бараат темните лебови, веќе се освестуваат за здравјето, за здравата храна. Eден тренд како што реков со кисели теста ние тоа го работиме. Како белиот леб, така и црниот леб или ‘ржаниот леб со семки. Специјалните лебови се малку поскапи од 40-45 денари, а темните лебови, секако и лебовите со повеќе видови на семиња коштаат од 70 денари па нагоре“, додаде Малинов
Граѓаните имаат различни навики при изборот на леб. Дел од нив купуваат различни видови леб со семки , водејќи се од нивните здравствени придобивки и состав, додека други претпочитаат сами да месат и да подготвуваат домашен леб.
Останува да се види дали ржаниот леб, лебот со семки и лебот со кисело тесто ќе успеат да го заменат традиционалниот бел леб на трпезите на граѓаните.
Ева Тушевска, М-Нет