Панова: Во Предлог буџетот за 2027, за судската власт средствата се зголемуваат за 15,3 проценти за разлика од годинава

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет во своето излагање се осврна на делот за правосудниот систем, при што истакна дека за судската власт во 2027 година се планирани 3,352 милијарди денари, а како што кажа тоа е зголемување од 15,3 проценти, додека пак, за јавното обинителство се предвидени 965 милиони денари, или 8,9 проценти повеќе од 2026 година. Според неа, правдата треба да се обезбеди навремено и неселективно, а во таа насока пратеничката се осврна на Академијата за судии и јавни обвинители и Управата за извршување санкции.

,,Кога правосудна институција бара дополнителни средства, да каже колку предмети очекува повеќе да заврши, кои слабости ќе ги отстрани и како јавноста ќе го види напредокот. Не ни треба натпревар кој погласно ветува правда. Ни требаат институции коишто ќе донесат правда. Токму затоа сакам да ја издвојам Академијата за судии и јавни обвинители. За 2027 година за нејзината програма се предвидени приближно 130 милиони денари. Оваа програма сега е прикажана во рамките на Министерството за правда, додека претходно била евидентирана во разделот Судска власт. Таа промена е важна за да не споредуваме несоодветни буџетски ставки и да не извлекуваме погрешни заклучоци “, рече Панова и додаде:

,,Во тие средства се предвидуваат околу 58 милиони денари за плати и надоместоци и околу 65 милиони за стоки и услуги, вклучувајќи ја обуката и договорните услуги. А зошто е ова важно? Затоа што професионален, стручен и независен судија не се создава со партиска изјава. Се создава со квалитетно образование, сериозна селекција, континуирана обука и личен интегритет. Истото важи и за обвинителите. Инвестирањето во Академијата треба да значи вложување во професионалноста, не во нови формални процедури без резултат. Затоа очекуваме резултати. Не помалку важна е Управата за извршување санкции. За неа се планирани 2,020 милијарди денари, 16,7 проценти повеќе од претходната година.

Панова посочи дека капиталните расходи растат од 26,8 на 276,3 милиони денари, повеќе од десеткратно ниво, со најголем дел за градежна инфраструктура.

,,Во 2027 се предвидени активности за нови и реконструирани капацитети во КПД Идризово, вклучувајќи притворско и затворено одделение. И тука мојата порака е јасна: законитото извршување на санкциите е дел од владеењето на правото. Безбедност за персоналот, човечки услови, контрола врз установите и програми за ресоцијализација не се спротивставени цели. Тие се делови од еден ист систем. Државата мора да биде доследна во спроведувањето на правосилните одлуки, а истовремено да ги почитува законските и меѓународните стандарди“, вели таа.

Текстот Панова: Во Предлог буџетот за 2027, за судската власт средствата се зголемуваат за 15,3 проценти за разлика од годинава е превземен од МАКФАКС.