Вардар со десет од десет на врвот во ракометната Суперлига, Е. Пелистер и Охрид го делат второто место

ФОТО: РК Вардар1961

По десет одиграни кола во ракометната Суперлига шампионот Вардар е на врвот со максимален ефект односно десет победи од толку натпревари и дваесет бодови.

Зад лидерот се наоѓаат Еурофарм Пелистер и Охрид кои го делат второто место со по 17 бодови, двете екипи имаат осум победи по еден пораз од Вардар и нивното меѓусебно реми од првото коло.

Алкалоид по десет кола е на четвртото место на табелата со ефект од осум победи и два порази и 16 бодови.

Веднаш потоа на табелата следува пресек. Тиквеш е петти со 11 бодови, а зад него како шести е Прилеп со десет бодови. Струга е седма со девет бодови, додека пак осми е Еурофарм Пелистер 2 со седум бодови.

Бутел со две победи во низа се искачи на деветтото место со пет бодови, Куманово и Младост го делат десеттото место со по три бода, а на дното е Мулти Есенс со два бода.

Следното коло ќе биде клучно за неколку екипи. Дербито на колото ќе биде во Автокоманда меѓу Алкалоид и Еурофарм Пелистер, Прилеп не смее да погреши со Еурофарм Пелистер 2, пелагониско дерби за плеј-оф, Бутел ќе бара трета победа во низа против Куманово, а пак Младост пред домашната публика во Богданци прва победа против Струга, од друга страна стружани сакаат триумф во „Млаз“ за да бидат сигурни на патот кон плеј-офот.

Вардар како апсолутен фаворит ќе игра против „фенерџијата“ Мулти Есенс, а пак Охрид ќе гостува во Кавадарци против Тиквеш.

Александар Ванев, М-Нет