
Кошаркарите на ГКК Штип стигнаа до третата победа во низа во Суперлигата, тимот на Марјан Србиновски за првпат оваа сезона постигнаа над сто поени на еден меч, а со новиот триумф се искачи на средината од табелата.
ГКК Штип ја израдува домашната публика во преполниот „Џексон“ откако со 103:94 го доби последнопласираниот Скопје за трета сезонска победа, а пак гостинот останува на ефект од една победа и шест порази на дното од табелата.
Натпреварот во „Џексон“ беше повеќе од возбудлив, а на крајот пресудна беше последната четвртина која го реши победникот. Штипјани одлично влегоа во мечот добивајќи ја првата четвртина со 25:17, а потоа во втората подобар беше скопскиот тим со 27:30.
Третата четвртина му припадна одново на гостинот кој беше подобар со 19:23, а последната четвртина му припадна на домаќинот со 32:24 за конечни 103:94.
Најефикасен тимот на Штип беше Јоркол Пел со 38 поени, на кои придодаде пет асистенции и четири скока. Камерон Хамилтон го следеше со 18 поени.
Кај Скопје одличен меч имаше Колин Паркер, кој оствари дабл-дабл учинок од 29 поени и 14 скока, како и Камерон Џонс со 23 поени и 11 асистенции, но нивниот ефект не беше доволен за да се избегне поразот во градот под Исарот.
Со оваа победа Штип стигна до биланс од три победи и четири порази по седум одиграни кола и се искачи на делба на шестото место на табелата со Кожув со по десет бодови, Скопје со осум бодови е последен на табелата.
МКК Куманово забележа голема победа на домашен терен совладувајќи ја Струмица со 85:48 во меч каде гостинот имаше лошо издание во сите четири четврти. Првата ја загуби со 21:8, втората со 19:11, во третата резултатот беше 23:13, а четвртата заврши со 22:16.
Тиквеш славеше тесна победа на домашен терен од само два поени разлика совладувајќи го Пелистер со 72:70, а пак ТФТ ја доби драмата во Гевгелија по продолженијата совладувајќи го Кожув со тесни 86:88.
Колото се затвара со вечерашното дерби меѓу шампионот МЗТ Скопје Аеродром и непоразениот лидер Работнички.
Александар Ванев, М-Нет