Мицкоски: Над 1,1 милион туристи ја посетиле земјава до септември, ќе ја надминеме годишната цел

Повеќе од 1,1 милион туристи ја посетиле Македонија заклучно со септември, а регистрирани се речиси три милиони ноќевања, што е над првичните очекувања на Владата, изјави премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи ги најновите податоци на Државниот завод за статистика како охрабрувачки.

Мицкоски потсети дека целта на почетокот на годината била да се достигне бројка од еден милион туристи и три милиони ноќевања, но според досегашните резултати, таа ќе биде надмината.

Само во третиот квартал, во споредба со истиот период лани, биле регистрирани 35.000 туристи повеќе и 110.000 ноќевања повеќе, што претставува раст од над шест отсто кај двата показатели.

„Податоците се прилично охрабрувачки. Ние веќе, заклучно со септември, сме на повеќе од 1.100.000 туристи и скоро три милиони ноќевања, што значи дека ќе одиме над тоа што сме го предвиделе како цел“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека растот во туризмот е позитивен показател и упати критики кон опозицијата, за која рече дека посакува земјата да бележи економско назадување.

„Ова е лоша вест за опозицијата. Тие би сакале да назадуваме, но, за нивна жал, а за добро на граѓаните, одиме напред“, изјави премиерот.

Текстот (Видео) Мицкоски: Над 1,1 милион туристи ја посетиле земјава до септември, ќе ја надминеме годишната цел е превземен од МАКФАКС.