Прволигашите за време на репрезентативната пауза ќе одиграа пријателски натпревари

Репрезентативната пауза ќе биде добредојдена за прволигашите пред финишот од есенската полусезона, каде ќе треба да се освојуваат важни бодови со цел во пролетниот дел да има бодовна зимница кон остварување на целите.

Репрезентативната пауза ќе биде искористена и за одигрување на пријателски натпревари, Брегалница во Штип ќе ја проверува формата со Беласица, а пак Скопје со Вардар.

По 13 кола на врвот е Струга со 29 бодови, а пак Шкендија сега е втора со минус два односно 27 бодови. На третото место се израмнети Тиквеш и Вардар со по 24 бодови и овие екипи се тесно израмнети во трката за врвот, но и местата кои водат кон Европа.

Шкендија Арачиново е петта со минус шест бода од Тиквеш и Вардар, односно дебитантот има 18 бодови, а Силекс заостанува сериозно како шести со 17 бодови.

Останатите екипи израмнети во трката за опстанок. Брегалница како седма со 14 бодови, во бараж зоната е Башкими со 11 бодови, а во зоната за директно испаѓање Арсими со десет и Скопје со четири бодови.

Ќе биде вистинска борба до крајот на есенскиот дел за секој бод, а за време на репрезентативната пауза ќе се проверува формата со цел веќе од 20 ноември прволигашите да влезат во потребната форма по собирање на бодови за полесна пролет особено за екипи од долниот дел.

Александар Ванев, М-Нет