51. „Марш на ангелите“ оваа сабота во Кочани, родителите повикуваат на масовно присуство по повод 18 месеци од трагедијата

„Марш на ангелите“ ќе се одржи оваа сабота во Кочани, по повод навршувањето на 18 месеци од трагедијата во која загинаа 63 лица. Родителите на загинатите повторно повикуваат на масовно присуство и поддршка од граѓаните. Маршот ќе започне во 16:05 часот од Паркот на Револуцијата.

Во јавниот повик, родителите поставуваат низа прашања за институционалната одговорност и спречувањето на трагедиите, прашувајќи до кога ќе се чека да се случи несреќа за да се преземат конкретни мерки и уште колку човечки животи треба да згаснат за да се промени нешто.

Тие потсетуваат дека институционалните пропусти, непостапувањето и неодговорноста не смеат повторно да имаат човечки жртви. Порачуваат дека не сакаат повеќе минути молк, туку години на одговорност, совесно работење и вистинска превенција.

Овојпат „Маршот на ангелите“ е посветен не само на борбата за правда за 63-те загинати во Кочани, туку и на сите невини жртви чии животи згаснале поради системски пропусти и институционална неодговорност.

„Различни трагедии. Различни семејства. Иста болка. Иста борба за правда“, порачуваат родителите.

Тие ги повикуваат сите граѓани да застанат покрај нив, нагласувајќи дека борбата за правда и спречување на нови трагедии не смее да биде само на семејствата кои ги загубија своите најмили.

„Не бараме пресуда на улица – бараме правда во судница, одговорност од институциите и конкретни мерки за трагедиите да не се повторуваат“, се наведува во повикот.

Родителите упатуваат и силна порака дека држава која не учи од своите трагедии ризикува повторно да ги доживее.

„Денес болката е наша, но борбата мора да биде на сите – за утре никој да не ја живее нашата судбина!“

Инаку во трагедијата, која се случи во дискотеката Пулс во Кочани, животот згасна за 63 лица, а околу 200 беа повредени и однесе на лекување во и надвор од државата. Родителите на загината, на повредените, нивни блиски роднини, пријатели, граѓани на Кочани од тогаш до сега мреку марш ја бараат правдата за овие невини лица. Судењето е се уште во тек.

Ева Тушевска, М-Нет