
Големи, убави и средени куќи, но уште од портите катанци, спуштени ролетните и дворови празни. Ваква е денешната слика во Лозово, каде младите се почесто среќата ја бараат во странство, а во селото остануваат претежно повозрасните. Некогаш тука имало млади, полни штали со добиток, ниви што се обработувале и луѓе кои живееле од земјоделство и сточарство. Денес, добиток чуваат само две-три семејства, а вистинските земјоделци можат да се избројат на прсти.
Во Лозово заедно живеат Македонци, Турци и Власи, но, како што велат мештаните, разликите не ги делат – сите живеат сложни, како браќа. Нема што да се делат ниту за што да се расправаат, единствено им е жал што младите сè почесто заминуваат, па селото полека останува без нив.
Селото Лозово се наоѓа во западниот дел на Овче Поле, оддалечено 15 километри североисточно од Велес и 19 километри југозападно од Свети Николе.
Иван Митев, М-Нет