Пендаровски реагира на обвинувањата: Не сум имал деловни врски со ниту едно лице што сум го именувал

Поранешниот претседател Стево Пендаровски ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за негова наводна финансиска и деловна поврзаност со градежен објект во изградба во Скопје, чиј инвеститор, според неговата изјава, е лице што пред седум години било именувано од него на одредена функција.

Реагирајќи на денешната прес-конференција на владејачката партија, Пендаровски оцени дека станува збор за фабрикување афери и политичка дезориентираност.

„Денешниот прес на ВМРО – ДМПНЕ пред градежен објект во изградба во Скопје е потврда за политичката дезориентираност на таа партија која дневно фабрикува афери со темпо кое не е видено од независноста до денес. Независно од небулозите кои беа прочитани за некаква моја наводна финансиска и деловна поврзаност со објект кој го гради лице кое пред 7 години било именувано од мене како тогашен претседател на државата, сакам да го изјавам следново: Под целосна морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека ниту некогаш сум имал, ниту денес имам било каква деловна поврзаност со било кое лице кое согласно моите уставни и законски надлежности сум го именувал во рамките на мојот претседателски мандат.

Тоа е, инаку, многу лесно проверливо од страна на институциите кои се тотално под контрола на владејачката партија, се разбира, ако тоа сакаат да го направат. Следејќи ја истата “логика”, очекувам партијата уште денес да одржи прес-конференција пред Белата палата и да го праша својот лидер дали евентуално бил бизнис – партнер со својот бодигард кој беше уапсен под сомнение дека за 50.000 евра наводно оддавал службени тајни.

Се разбира, таквата первертирана методологија за денунцирање на луѓето може да се примени и во цела серија други криминални афери каде што во јавноста се спомнуваат лица директно именувани од Мицкоски или пак негови најблиски соработници, но, за тоа потоа. Прво, портпаролот на партијата нека ја оддржи прес – конференцијата која му ја предложив. Според денешниот настап, “аргументите” веќе ги поседува“, вели Пендаровски.

Текстот Пендаровски реагира на обвинувањата: Не сум имал деловни врски со ниту едно лице што сум го именувал е превземен од МАКФАКС.