Канцерот ги убива жените во Македонија, додека надлежните штедат на здравјето, жените се соочуваат со суровата реалност, вели Зајкова

Денеска со симболична герила акција Либерално-демократската партија (ЛДП) алармираше дека раното откривање на канцерот може да спаси живот, но за превенција не се доволни кампањи, празни ветувања и изговори дека нема термини, велат од оваа партија.

„Додека надлежните штедат на здравјето, жените во Македонија се соочуваат со сурова реалност и погубна статистика – според Државниот завод за ревизија, со скрининг-мамографија се опфатени одвај 0,8 до 5,4 проценти од жените, а со скрининг за рак на грлото на матката само 10,3 до 15,5 проценти. Ова не е обична статистика, зад овие бројки стојат човечки животи изгубени во систем без грижа,“ изјави претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието на Македонија, Моника Зајкова.

ЛДП бара итни системски решенија: гарантирани термини за превентивни прегледи, автоматски покани за скрининг, еден платен слободен ден годишно за превенција и преглед на товар на државата во приватното здравство кога јавниот систем не може навреме да обезбеди термин. Болеста, додава таа, не знае да чека и не познава административни бариери.

Дополнително, од ЛДП бараат Министерството за здравство секој месец јавно да објавува колку термини се достапни за мамографија, ехо на дојка и ПАП-тестови, колку граѓани чекаат и колку долго.

„При секое сомневање за канцер мора да има итна дијагностичка постапка, а не чекање со месеци по коридорите!

Не бараме привилегии, туку здравствен систем во кој навремениот преглед е право, а не среќа, бидејќи држава што штеди на превенција, утре плаќа со човечки животи“.

Текстот Канцерот ги убива жените во Македонија, додека надлежните штедат на здравјето, жените се соочуваат со суровата реалност, вели Зајкова е превземен од МАКФАКС.