
72 регистрирани случаи на западнонилска треска во Македонија заклучно со 27 октомври покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје. Од нив, 67 се лабораториски потврдени, а пет се водат како веројатни случаи
Од регистрираните случаи, 53 или 73,6% се машки, а 19 или 26,4% се женски. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години – 59 или 81,9%. Седум лица се на возраст од 50 до 59 години, две лица од 40 до 49 години, едно лице од 30 до 39 години, а три лица од 20 до 29 години. Просечната возраст изнесува 66,5 години.
Почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените, односно 39 случаи или 54,2 отсто, бил во август. Во септември се регистрирани 12 случаи, во јули 17, два во јуни, а по еден случај во мај и октомври.
Сите 70 заболени со невроинвазивна форма на болеста биле хоспитализирани. Од нив, 57 пациенти или 81,4 отсто биле испишани, еден сè уште бил на лекување, додека 12 пациенти починале. Просечното времетраење на лекувањето кај испишаните и починатите пациенти изнесувало 15 дена.
Ева Тушевска, М-Нет