Прошев ја погоди измената, Натаниел ѝ донесе гостинска победа на Брегалница!

Фудбалерите на Брегалница од Штип ја остварија првата гостинска победа во новата сезона на Првата македонска фудбалска лига, откако во вистински фудбалски трилер, во натпреварот од 11. коло против Арсими во Гостивар, славеа со 3:4 со гол во судиското продолжение. Херој на штипјани беше Лоренцо Натаниел, а тренерот Мијалче Прошев ја погоди измената во вистински момент.
Натпреварот на стадионот во Гостивар донесе дури седум погодоци, пресврт, драматично враќање на домаќините и среќен крај за Брегалница, која на крајот ги освои сите три бода.
Арсими прв дојде до предност во 22. минута, кога Каба Јакупи ја искористи одбиената топка и погоди за 1:0. Сепак, Брегалница брзо одговори, па во 30. минута капитенот Стефан Коцев, по асистенција на Стојанов, го израмни резултатот на 1:1.

Штипјани продолжија со добрата игра, а во 41. минута следуваше целосен пресврт. Коцев овојпат се најде во улога на асистент, а Иван Глигоров ја затресе мрежата на домаќините за водство на Брегалница од 1:2.
На почетокот на второто полувреме, во 52. минута, Виктор Велкоски зголеми на 1:3, постигнувајќи го својот прв гол во дресот на Брегалница со удар со глава по изведен корнер. Во тој момент се чинеше дека штипјани се на добар пат да стигнат до сигурна победа.
Но, Арсими не се предаде. Гони во 59. минута намали на 2:3, а само пет минути подоцна Рамадани донесе израмнување на 3:3. Неговиот погодок беше особено интересен, бидејќи топката заврши директно во мрежата иако играчот, според текот на акцијата, сакаше да центрира.

Кога се чинеше дека Брегалница повторно ќе остане без гостинска победа, на сцена стапи Лоренцо Натаниел. Во судиското продолжение, Натаниел го постигна решавачкиот погодок за конечни 3:4 и голема радост во таборот на штипскиот тим.
Тренерот Мијалче Прошев се покажа како стратег кој го повлече вистинскиот потег во вистински момент, откако измената со Натаниел се покажа како полн погодок. Брегалница не се предаде ниту по испуштената предност од два гола, туку до самиот крај веруваше во победата и конечно ја прекина серијата без триумф на гостински терен.
Со оваа победа, Брегалница стигна до 13 бодови и се наоѓа на седмото место на табелата, додека Арсими останува на осмата позиција со 10 бодови.
Брегалница славеше кога беше најпотребно – Натаниел погоди во судиското продолжение, а штипјани од Гостивар се враќаат со голема победа и три важни бода!