Доцни есенската сеидба поради сушата, 90% од нивите неизорани, сите рокови изминати

Доцни есенската сеидба, 90 проценти од површините се уште се не изорани. Земјоделците се уште не можат да ги подготват нивите зашто почвата е сува, а обилни дождови нема. Гоце Серафимов, потпретседателот на асоцијацијата на земјоделци, рече дека сите рокови за сеидба веќе се изминати. Тврди дека доцнењето на сеидбата ќе им создаде сериозни проблеми, особено на оние што обработуваат поголеми површини.

,,Ваква година до сега не се помети, проблемот е уште после жетвата не можевме да ги изораме нивите и сега се уште нема обилни дождови и тоа е проблем. 90 % не се изорани површините. Ќе доцни многу, со сеидбата ќе бидеме по касно, ма да времето е се уште топло, меѓутоа одминаа сите рокови, ќе биде тешко. Тие што имаат помали површини ќе стасат ќе ги насеат, а тие со поголеми површини ќе имаат големи проблеми.“, вели Серафимов

Имајки предвид дека понатаму температурите постепено ќе опаѓаат, Серафимов тврди дека тоа нема да претставува проблем за семето да се развива. Кажа оти единствен проблем е дождот кои досега требаше да заврне, а земјоделците потоа да влезат со механизациајта за обработка на нивите.

,,Па нема да претставува проблем постуденото време, меѓутоа ќе доцни. Да речеме за јачменот и така и така, но пченицата ќе биде малку повеќе проблематична и така. Па слушаме се и со останатите региони, ситуациајта е сега иста.“, додава Серафимов

Според најновите информации на УХМР, од утревечер веќе се очекуваат врнежи од дожд. Поројни дождови според нивните информации се очекуваат особено во четврток и петок, кога се очекуваат да наврнат над 10 литри на м2. Оттаму потенцираат дека поголеми врнежи се очекуваат и во недела и во почетокот на следната работна седмица. Имајки превид дека врнежите од дожд ќе бидат застапени во истокот, ова за земјоделците е добредојдена вест, што значи дека со орање на нивите ќе се почне во текот на следниот период.

Иван Митев, М-Нет