Скопје на Варадиновски во обид за прва победа, Силекс и Арсими бараат излез од резултатска криза

ФОТО: ФК Брегалница

Силекс никако да заигра во формата од минатата сезона, а тимот од Кратово на последните пет средби има три последователни ремија и два порази. Стратегот Александар Васоски ќе мора да најде победнички рецепт за утрешното гостување во Куманово кај Башкими и да го врати тимот на победничките патеки, бидејќи уште еден неуспех ќе биде сериозен проблем за Силекс.

Башкими, кој ја доби Струга во претходното коло е силно мотивиран да направи уште едно изненадување и да освои три бодови со кои би можел да излезе по првпат од опасната зона. Фактот што Силекс не е во посакуваната форма и има веќе притисок може да биде опција тоа да го искористи тимот на Муарем Муарем.

Десеттот около го носи и дуелот на последниот и првиот тим на табелата, Скопје против Шкендија. „Пиратите“ од Автокоманда по девет кола немаа триумф во првенството, новиот тренер Иван Варадиновски кој дебитираше во претходното коло ќе бара начин како да го совлада вицешампионот и за првпат сезонава да ги израдува „пиратите“.

Шкендија е со променлива форма од последните пет средби и ќе мора да триумфира во Автокоманда со цел да го сочува врвот од табелата, бидејќи бодовната предност се стопи.

Колото се затвара во понеделник каде Арсими ќе бара излез од резултатската криза, а пак Тиквеш продолжува на победничка низа, дуел каде трите бодови во Гостивар се многу важни.

Александар Ванев, М-Нет