Премиерот Христијан Мицкоски смета дека прославата во скопски Чаир по повод излегувањето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од куќен притвор не му оди во прилог на Груби, туку напротив, му отежнува.
„Претпоставувам дека тоа е дел од карактерот на поединци кои мислат дека со ваков тип на естрада им помагаат на своите сопартијци, но мислам дека грешат. Напротив, им отежнуваат“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за прославата.
Тој посочи дека прочитал текст во кој Груби и неговото семејство се извинуваат на македонската јавност и на граѓаните доколку случувањата предизвикале вознемирување, нагласувајќи дека тие не биле организатори на собирот.
Во однос на укинувањето на куќниот притвор, премиерот рече дека по истекот на законскиот рок од 60 дена, судот има обврска да ја прекине мерката и да примени други начини на обезбедување.
Груби на 13 октомври излезе од куќен притвор, по што неговото враќање во Чаир беше проследено со факели, чадни бомби и огномет. Неговата одбрана соопшти дека собирот бил спонтано организиран од граѓани, соседи и пријатели и дека Груби не учествувал во организацијата.
Иако куќниот притвор му е укинат, на Груби и натаму му важат мерките за претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на Скопје, обврска за јавување во судот и забрана за контактирање со одредени лица. Судот не го прифатил ниту барањето за враќање на патната исправа.
Груби е второобвинет во предметот „Државна лотарија“, во кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување.
Текстот Мицкоски за пречекот на Груби: Со ваков тип естрада не му помагаат, туку му отежнуваат е превземен од МАКФАКС.