Претседателот на Собранието, Африм Гаши и генералната секретарка Марина Димовска учествуваат на Европската конференција на претседатели на парламенти и генерални секретари која на 15 и 16 октомври 2026 година се одржува во Рим, Италија. На првиот ден обраќања пред претседателите на парламентите на земјите членки на Советот на Европа имаа претседателот на Домот на пратеници и претседателот на Сенатот на Италијанската Република, Лоренцо Фонтана и Игнацио ла Руса, кои ја нагласија улогата и значењето на Организацијата како чувар на демократијата, човековите права и владеењето на правото на европскиот континент.
Потоа следеше дебата за отпорни демократии обединети против хибридни закани, на која беше нагласено дека денешната геополитичка нестабилност и технолошкиот напредок ги направија хибридните закани пософистицирани, искористувајќи ги демократските општества за зголемување на поларизацијата, ширењето на поделби и поткопување на довербата во институциите. Наглaсено беше дека за успешна заштита, потребна е комбинација од кибербезбедност, транспарентност и општествена отпорност, како и дека искуствата покажуваат дека најефективните пристапи комбинираат правни заштитни механизми, техничка заштита и мерки за зајакнување на довербата на јавноста.
Во текот на конференцијата, претседателот Гаши оствари билатерална средба со претседателот на Големото турско национално собрание Нуман Куртулмуш, на која беа потврдени одличните односи меѓу двете држави, значењето на турската заедница во градењето на блиски контакти, како и улогата и придонесот на Република Турција за стабилноста и безбедноста во регионот. Заеднички беше констатирано дека традиционалното пријателство и партнерство и имаат вкоренети историски и културни врски, соработката е динамична на сите нивоа, а одржувањето на интензивна комуникација на високо ниво значајно придонесува за унапредување на целокупните односи меѓу двете земји.
На маргините на конференцијата, претседателот Гаши размени мислења со италијанскиот пратеник Пјетро Фасино, кој е претседател на поткомисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за Западен Балкан и кој е силен поборник за побрз влез на државите од регионот во Европската Унија.
Текстот Гаши во Рим: Отпорни демократии и борба против хибридните закани во фокусот е превземен од МАКФАКС.