Министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, присуствуваше на отворањето на Адреналинскиот парк на локалитетот Калин Камен, дел од проектот „Прекугранична атрактивност – паметен туризам во регионот Ќустендил – Крива Паланка – Невестино“, поддржан преку програмата Interreg IPA Бугарија – Северна Македонија.
Во проектот соработуваат шест партнери, а вкупната вредност изнесува над 975 илјади евра. За активностите на Општина Крива Паланка се предвидени речиси 305 илјади евра, од кои околу 45 илјади евра се национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
„Зад овие бројки стои конкретна придобивка за граѓаните. Со уредувањето на овој простор, Крива Паланка добива нова туристичка содржина и нова причина посетителите да дојдат, да останат подолго и да ги запознаат природата, културата и луѓето од овој крај.
Проектот ги поврзува Калин Камен, Кокино, Хисарлка и Света Ана во поширока прекугранична туристичка понуда. Тоа е суштината на соработката – секое место има своја вредност, а заедно можат да привлечат повеќе посетители и да создадат поголеми можности за целиот регион“, истакна Стоилковиќ.
Адреналинскиот парк на Калин Камен е најголемата инфраструктурна инвестиција на македонската страна во рамки на проектот и една од позначајните инвестиции во туристичката инфраструктура во Крива Паланка во последните години.
Со реализацијата на проектот, Калин Камен се развива како четирисезонска туристичка дестинација и центар за активен и авантуристички туризам во Североисточниот регион, со потенцијал за зголемување на бројот на посетители, подолг туристички престој и поттикнување на локалниот економски развој.
Текстот Стоилковиќ на отворањето на новиот адреналински парк во Крива Паланка е превземен од МАКФАКС.