Муцунски и Петрова-Чамова ќе се сретнат на маргините на конференцијата за Коридорот 8 во Софија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре во Софија ќе оствари билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова.

Средбата е предвидена на маргините на Меѓународната конференција посветена на Коридорот VIII, на која ќе учествува и Муцунски, потврди попладнево македонското МНР.

Во рамките на конференцијата, министерот ќе се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот VIII“, посветен на стратешкото значење на коридорот во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови. Во фокусот ќе биде неговата целосна реализација како заеднички стратешки интерес на земјите долж коридорот и на поширокиот европски простор.

Конференцијата претставува продолжение на досегашниот политички дијалог за Коридорот VIII, вклучително и министерскиот состанок одржан во Тирана во февруари оваа година.

 

Текстот Муцунски и Петрова-Чамова ќе се сретнат на маргините на конференцијата за Коридорот 8 во Софија е превземен од МАКФАКС.