
Фудбалерите на Брегалница во сабота ќе гостуваат во Кавадарци каде во рамките на 9. коло на Првата лига ќе се соочат со Тиквеш, меч со кој се отвара рундатата, а кој стартува во 12 часот.
„Сините“ имаат резултатска стабилност со Мијалче Прошев кој како привремено тренерско решение се покажа одличен избор, а сега неговите фудбалери ќе имаат голем предизвик во Кавадарци против Тиквеш кој игра во одлична форма.
Дуелот е клучен и важен и за двете екипи. Тиквеш со триумф ќе продолжи да ги напаѓа првите три позиции и да ја продолжи борбата за излез во Европа, а три бода за Брегалница ќе значи израмнување со Тиквеш по број на своени бодови и можност за влез во топ пет зоната за штипјани.
Во Гостивар ќе се игра дуел за излез од резутлатската криза на Арсими и Силекс, двете екипи не играат според посакуваното и во целост потфрлија по осумте одиграни кола. Тимот од Чегране е на осмото место со осум бодови, а пак тимот од Кратово е седми со девет бодови.
Овој дуел не само што може да донесе враќање на победничките патеки, туку носи три бодови со можност за скок до шестото место, во зависност како Брегланица ќе одигра во Кавадарци.
Шкендија Арачиново на домашен терен против лидерот Шкендија од Тетово ќе бара враќање на победите, но и да освои важни бодови за влез во зоната која нови кон излез во Европа. Дебитантот има одлична игра, а по трите победи во низа во претходното коло загуби од шампионот Вардар.
Гостинот од Тетово ќе бара три бодови во Чаир и со тоа да го потврди првото место.
Штипскиот стратег Иван Варадиновски ќе го има своето деби на клупата на Скопје против Вардар на домашен терен. Ова ќе биде дуел каде „пиратите“ ќе ја бараат првата сезонска победа дури во деветтото коло, но и можност да го напуштат дното на табелата.
Вардар, пак, се надева дека ќе дојде до петтиот сезонски триумф и со тоа да продолжи да го напаѓа првото место, до кое има пет бода негатива.
Колото се затвара во понеделник со дуелот меѓу Башкими и Струга Трим Лум, каде гостинот е фаворит за триумф, а домаќинот со старо-новиот тренер Муарем Муарем се надева на позитивен резултат, но и со триумф нема да може тимот од Куманово да прогресира на табелата, ќе остане претпоследен, но барем ќе биде бодовно блиску до зоната за директен опстанок.
Александар Ванев, М-Нет