ЕВН Македонија донираше училница во Кочани

Средното општинско училиште „Гошо Викентиев“ во Кочани доби нова училница, донирана од ЕВН Македонија, наменета за стекнување знаења и вештини поврзани со работните процеси во електроенергетскиот сектор. Учениците ќе имаат можност да работат со опрема, материјали и алати што се користат во секојдневната работа на електромонтерите на Електродистрибуција, вклучително и опрема за низок и среден напон. Училницата поседува опрема за безбедност и здравје при работа, со цел учениците уште во текот на образованието да ги усвојат стандардите за безбедно работење.

„Вложувањето во практичното образование е вложување во иднината на енергетскиот сектор. Со оваа училница сакаме на учениците уште во текот на образованието да им овозможиме директен контакт со опрема и материјали што се дел од нашата секојдневна работа, но и да ги запознаеме со високите стандарди за безбедно и одговорно работење. На овој начин создаваме подобра основа за нивната професионална подготовка и за кадрите што ќе го градат овој сектор во иднина“, изјави г-дин Матиас Шаибелрајтер, Управител на Електродистрибуција.

Повеќе од една третина од учениците од електроенергетската струка во училиштето, односно 19 од вкупно 54 ученици од прва до четврта година, реализираат практикантска обука во компанијата. Новата училница ќе им овозможи дополнителна практична подготовка, а ќе биде на располагање и на идните генерации ученици од оваа струка.

„Секој ученик кој ја реализира практичната настава има свој ментор и континуирано се следи во текот на образовниот процес. Преку работата со нашите колеги, учениците се запознаваат со работната средина, со начинот на работа и со културата на компанијата“, изјави г-дин Фисник Осеку, Раководител на Човечки ресурси при ЕВН Македонија.

За учениците кои ќе покажат интерес за работа во компанијата и ќе се истакнат со сериозен и одговорен пристап, дисциплина и проактивност, по завршувањето на образованието постои можност за вработување во компанијата ќерка – Електродистрибуција.

„Благодарни сме на ЕВН Македонија за поддршката и за создавањето подобри услови за образование и професионална подготовка на нашите ученици. Со новата практична училница, нашите ученици добиваат подобри услови за стекнување практични знаења и запознавање со опремата и работните процеси во енергетскиот сектор.“ рече директорот на СОУ „Гошо Викентиев“, г-дин Владо Симеонов.

Во рамки на проектот „Учење преку работа“, ЕВН Македонија соработува со 15 средни електротехнички училишта низ земјата, со што околу 250 ученици реализираат практична настава и учење преку работа во Корисничките енерго центри на Електродистрибуција.

Текстот ЕВН Македонија донираше училница во Кочани е превземен од МАКФАКС.