Мицкоски: За 15 години ќе треба да се увезува работна сила во Македонија, ако не се зголеми домашната

Ако не се преземат мерки, за 15 до 20 години во Македонија ќе треба да се увезува работна сила, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во својата изјава. Неговото мнение е дека бројот на вработени тогаш ќе падне под 500 илјади, што ќе донесе сериозни проблеми за пензискиот и здравствениот систем, но и за економијата. Затоа, вели тој, семејните политики мора да бидат сфатени сериозно.

,,Ниската стапка на фертелитет, помалата активнсот во делот на семјствата, јас за тоа зборував многу пати, нормално бев критикуван, но тоа што го зборував јас пред година ипол, ние ќе го почувствуваме за 15, 20 години уште по алармантно. Сега се уште имаме одреден резервоар кој што е од минатото, но кога ќе дојдат 15, 20 години од денеска, тогаш ќе биде алармантна состојбата. Во моментот на пазарот на трудот имаме 709 000 регистрирани вработени. Ние ако сакаме да имаме добар економски раст, ние не смее да бидеме под бројка од 800 000 вработени. Ние во моментот треба да најдеме 90 000 вработени, кои ќе создаваат доход во државата. Ние мораме тоа да го направиме. Се плашам дека со проекциите за 15, 20 години таа бројка ќе биде под 500 000, тогаш ќе настанат вистинските проблеми и за пензискиот систем и за здравствениот. И за државата, но и во целост во економијата. Затоа кога зборувам за просемејни политики, тогаш треба да бидам сериозно сфатен, затоа што ова е начинот на кои ние мораме да се движиме или ќе треба да се увезува работна сила, која што носи со себе други предизвици.“, додава Мицкоски

Иако недостигот на работна сила се очекува да биде еден од сериозните предизвици во иднина, Мицкоски тврди дека во моментов пензискиот систем е стабилен и сигурен.

Вели дека пари има, но треба да се најдат таму каде што се злоупотребуваат и да се насочат таму каде што се најпотребни.

,,Ние во моментов имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина . Не треба апсолутно никој да се грижи. Директорот на пензискиот фонд претпоставувам има свој став. Ние не треба секогаш да се сложуваме со ставовите на луѓето кои што дел од владата, но Владата и јас цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите, впрочем оваа влада ги зголеми пензиите просечно како ниту една друга Влада во историјата на независна Македонија. Доколку понатаму во иднина имаме било какив политики, јавноста ќе биде информирана. Парите се тука, но парите треба да се пронајдат онаму каде што се злоупотребуваат и да се насочат каде што тие пари се потребни.“, рече Мицкоски

Инаку, премиерот Мицкоски е дециден дека ситуацијата мора да се сфати серозно, поинаку за две децении Македонија ќе биде зависна од работна сила, па странските работнции ќе бидат единствениот избор.

Иван Митев, М-Нет