Дерби во Штип: Астибо го пречекува Овче Поле СУ од Свети Николе

Третото коло на Првата ракометна лига во женска конкуренција носи дерби во Штип, Астибо ќе го пречека Овче Поле СУ од Свети Николе, натпревар каде гостинот ќе биде фаворит за триумф.

Астибо, кој минатата сезона се натпреваруваше во Супер лигата, го откажа учеството поради финансиски проблеми и се пресели во Првата лига, во првото коло штипскиот тим беше слободен, додека пак во второто коло загуби од Стружанка во гости со 26:20.

За Астибо ова ќе биде прв домашен меч во новата сезона и втор натпревар, бидејќи во првото коло беше слободен. Од друга страна гостинот од Свети Николе по две кола има две победи, откако мечот со Стружанка од првото коло го доби службено со 0:10, а во второто коло на домашен терен со 36:13 го декласираше Шампион.

Натпреварот меѓу Астибо и Овче Поле СУ се игра во салата „Тошо Арсов“ во Штип, недела од 12 часот.

Два часа подоцна во салата „Младост“ во Гостивар ќе се одигра натпреварот меѓу Јехона и Стружанка, а колото се затвара со мечот меѓу Шампион и Струга од 16 часот, каде тимот на Струга е фаворит за трет триумф, кој го бара во третиот меч.

Александар Ванев, М-Нет