Телефоните, грицките и обоените сокови се целосно забранети во ООУ „Димитар Влахов“ во Штип, целта е поздрави навики

Мобилни телефони, чипсови, смоки, грицки и обоени сокови, се целосно забранети да се внесуваат во ООУ „Димитар Влахов“ во Штип. Новите правила веќе една недела се применуваат во училиштето, по длуката донесена на Наставничкиот совет, Училишниот одбор и Советот на родители, со цел поголемо внимание на наставата и создавање поздрави навики кај учениците. Исклучок од забраната за телефони има само за мал број ученици кои, во договор со родителите, имаат потреба од телефон за да си одат до дома. И во тие случаи, телефонот мора да биде без интернет поддршка, исклучен и предаден кај класниот раководител веднаш по доаѓањето во училиштето, а може да се подигне по завршувањето на наставата. Паралелно, училиштето воведува и мерки за поздрава исхрана, па трипати неделно за учениците е обезбедено свежо овошје, а во соработка со пекари е креирано соодветно мени со јогурти, пецива и други оброци. Во училиштето од пијалаци се дозволени вода, млеко и домашни сокови, додека нездравите грицки и обоените сокови се целосно забранети.

,,Целта е поздрава комуникација без електрични уреди, за да се исфрли зависноста од нив и да се поттикне вистинско дружење и физичка комуникација. Со новите правила, истовремено се стремиме и кон поздрава исхрана кај учениците“, информираат од училиштето за М-Нет телевизија

Како што дополнително оттмау посочуваат, со овие нови правила, училиштето „Димитар Влахов“ сака да им ги врати на децата вистинските вредности. Наместо да гледаат во телефоните за време на одморите, учениците сега конечно ќе можат повеќе да си зборуваат и да си играат како некогаш. Исто така, чипсовите и соковите се заменуваат со свежо овошје и здрава ужина за децата да растат поздраво. Дополнително наведуваат дека само со убав договор помеѓу наставниците и родителите, може да се направи нешто навистина добро во корист на најмладите.

Иван Митев, М-Нет