Одложени натпревари: Охрид во Радовиш доаѓа по три бода, Тетекс ќе го пречека Работнички

В четврток ќе бидат одиграни двата одложени натпревари од второто коло на Втората македонска фудбалска лига, со што ќе биде комплетирата втората рунда.

Во Радовиш ќе се игра мечот меѓу Детонит Плачковица и Охрид, меч кој е од капитална важност и за двете екипи. Радовишани ќе бараат победа за враќање на победничките патеки откако нанижаа два последователни порази, а доколку загубат и од „рибарите“ ќе влезат во резултатска криза.

Од друга страна, Охрид со победа ќе се врати на врвот во Втора лига и токму затоа во Радовиш доаѓа само по три бода.

Во Тетово ќе се одигра натпреварот меѓу Тетекс и Работнички, дуел каде исто така трите бодови се важни. „Штофарите“ имаат само една сезонска победа, а нанижија две ремија, па со победа ќе имаат одлична можност да избијат дури на шестото место.

Работнички, пак, покрај овој меч има уште еден одложен меч, тој со Брера од петтото коло. Токму затоа, „романтичарите“ целат кон триумф во Тетово, со што ќе бидат на четвртото или третото место, а потоа ако го добијат и мечот со Брера ќе имаат можност да бидат и први.

Александар Ванев, М-Нет