Штипски Текстилец УГД со нова победа, Овче Поле го доби Аеродром, пораз за Сокол Саса од Каменица

Ракометарите на Текстилец УГД од Штип забележаа нова победа во Првата лига, откако на гостувањето во рамките на 2. коло славеа над Македонија ЃП со резултатот од 34:36.

Домаќинот имаше одлично отварање на резултатот, но потоа штипјани ги презедоа работите во свои раце и го имаа водството во текот на целиот натпревар.

Со по девет гола кај Македонија ЃП се истакнаа Бојан Чакалиќ и Михаел Тотиќ, а пак штипјани прво име беше Филип Џинес со осум гола, а Јован Величков имаше седум реализации.

Бодовите останаа во Свети Николе, откаок Овче Поле славеше победа над Аеродром со резултат од 32:31, со тоа што Филип Петровски со осум голови беше најдобар стрелец кај домашните, а кај гостите Бојан Божиновски постигма девет гола.

Дебитантот Сокол Саса од Македонска Каменица го претрпе вториот пораз откако тимот беше поразен на гостувањето кај Шампион со високи 38:30. Мирче Ѓеоргиев за тимот од Македонска Каменица имаше 12 гола, но недоволни за позитивен резултат.

Партизан на домашен терен ја доби Преспа со 29:27, новајлијата Илинден беше убедлив против Јехона со 37:28, а пак Пролет ја доби драмата со Вардар Неготино, откако скопскиот тим имаше негатива од седум гола, а на крај славеше со 24:25.

Неизвесно беше синоќа и во салата „25 Мај“ каде Радовиш и Драчево Јуниор ги поделија бодовите откако двете екипи одиграа 33:33.

Александар Ванев, М-Нет