„Најголемото економско чудо е што македонскиот работник воопшто успева да го преживее месецот“, велат од Левица

„Мицкоски навистина е во право кога зборува за Македонија како економско чудо. Најголемото економско чудо е што македонскиот работник воопшто успева да го преживее месецот. Минималната синдикална кошничка во септември стигна до 69.432 денари, а со кирија до 84.807 денари. Минималната плата пак, ‘благодарение’ на ДПМНЕ, остана најмизерна во регионот и изнесува 26.046 денари, а последната објавена просечна нето-плата 48.381 денар. Ова значи дека една просечна плата е 21.051 денар под минимумот, две минимални плати заедно се 17.340 денари под минимумот, а ако семејството живее под кирија, на двајца вработени на минималец им недостигаат уште 32.715 денари секој месец. На секои 100 денари што ќе ги заработат двајца на минималец, потребни им се 133 денари за да ја покријат основната кошничка, а 163 денари ако плаќаат кирија“, велат од Левица.

„Во проценти, еден минималец покрива само 37,5% од кошничката, две минимални 75%, а една просечна плата неполни 70%. Само храната и пијалаците чинат 25.259 денари, што значи дека од една цела минимална плата, откако ќе се обезбеди само храната, остануваат 787 денари за струја, вода, превоз, облека, лекови, хигиена, образование и сè друго.

За двајца на минималец да ја затворат кошничката, секој би требало да зема 34.716 денари, односно по 8.670 денари повеќе од сегашниот минималец. А доколку плаќаат кирија, потребни се по 42.404 денари по работник.

И ова е само почетната цена на животот во Македонија. Доколку сакаш при минимална плата да не живееш со празен стомак, ќе ти останат само 787 денари, а со нив родителот, покрај сметките, ќе треба при ‘бесплатно образование’ на хартија, да најде начин како ќе плати од сапун до униформа и уплатници за обезбедување на неговото дете во основно образование.

Потсетуваме дека при ваква аритметика на сиромаштијата, вмровските градоначалници штом седнаа на фотелја, во повеќе општини ја зголемија месечната партиципација за градинка за над 34%.

Меѓуградскиот превоз руши рекорди и за некој од друг град да стигне на работа или факултет треба да одвои сериозен процент од домашниот буџет, а Владата, секако, не мрда со прст живеејќи во филозофијата дека ако доволно упорно се игнорира проблемот – тој ќе исчезне.
Дополнително, при јавно здравство, државата ги принудува пациентите да посегнат по приватните болници, па така, на пример, кога единствениот државен ПЕТ/КТ скенер со месеци не функционираше и беше потребен јавен притисок за власта да го реши проблемот што побрзо, граѓаните беа принудени да изберат помеѓу странство и приватно каде едно снимање ги чинеше околу 1.300 евра.

И во вакви услови, Владата остана на законското мизерно усогласување на минималната плата игнорирајќи ги апелите на синдикатите, работниците и одбивајќи го предлогот на Левица за зголемување на минималната плата. “Про-народниот“ Мицкоски, работниците, неговите гласачи, за зголемување на платите, ги испрати да тропаат на врата кај неговите бизнис-партнери, донатори, олигарсите, лагодно повлекувајќи се од масата на која мораше да седи.

Така, товарот од кризата се симнува надолу, врз платите и домашните буџети, додека ниската цена на трудот останува столб на економскиот модел.

А потоа истата оваа власт си дозволува да држи лекции за демографија! Ако на двајца вработени им недостигаат 17.340 денари за минималната кошничка, а 32.715 денари ако немаат наследен стан и треба да живеат под кирија, демографската криза не е мистерија што треба да се решава со морализирање. Работникот не е трошок што треба бесконечно да се поевтинува за да биде “конкурентна“ економијата, туку пред сѐ е човек што ја создава вредноста. А наводниот економски раст, доколку не се претвора во плата, домување и јавни услуги е раст чија добивка е аларм дека не се распределува соодветно“, се наведува во соопштението на партијата Левица.

Текстот „Најголемото економско чудо е што македонскиот работник воопшто успева да го преживее месецот“, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.