Православните верници денес го чествуваат празникот посветен на отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител

Со строг пост, молитва и желби за здравје и среќа, православните верници денес го одбележуваат празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. Свети Јован Крстител или Јован Претеча е светец и маченик во христијанството, познат како човекот кој го крстил Исус Христос во реката Јордан. Во спомен на неговата маченичка смрт, празникот се одбележува со еднодневен строг пост. Како што е адетот, штипјани на овој ден не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други производи со црвена боја, кои според народното верување потсетувале на крвта на Свети Јован Крстител, која течела при неговото погубување.

Според евангелските сведоштва, Свети Јован Крстител бил затворен од Ирод Антипа затоа што го осудувал неговиот брак со Иродијада, жената на неговиот брат. За време на гозбата, Саломија, ќерката на Иродијада, со својот танц го воодушевила Ирод, кој ѝ ветил дека ќе ѝ даде што и да побара. По совет на мајка ѝ, таа ја побарала главата на Јован Крстител. Ирод ја исполнил желбата, по што Јован бил погубен во затворот. Неговите ученици потоа го зеле неговото тело и го погребале.

Ева Тушевска, М-Нет