Демант на директорот Трајков од ООУ „Гоце Делчев“ во Конче – тврди дека нема дискриминација и нееднакво оценување

По вчерашните обвинувања на дел родители од Општина Конче, дека нивните деца неправедно ја повторуваат учебната година и дека има нееднакво оценување, денеска со реакција се обратија од ООУ „Гоце Делчев“ оттаму.

Од училиштето ги демантираат наводите за дискриминација и нееднакво оценување. Директорот Горјан Трајков, истакна дека оценувањето на учениците се врши согласно законските нормативи, критериуми и стандарди, а наставниците професионално и одговорно си ја вршат својата работа. Посочи дека во нивното училиште особено се внимава на меѓуетничката интеграција и дека нема и никогаш немало дискриминација по етничка или која било друга основа. Дополнително, тврди дека по случајот, бил спроведен и вонреден инспекциски надзор од страна на Просветниот инспекторат, при што, како што информира, не биле констатирани пропусти во работењето на училиштето и наставниот кадар, ниту елементи на дискриминација.

„Оценувањето на учениците во нашето училиште се врши целосно согласно законските нормативи, критериуми и стандард за оценување. Наставниците најсовесно, професионално, и одговроно си ја вршат својата работа, целосно посветени на обезбедување квалитетен образовен процес за секое дете.

Во нашето училиште исклучително се внимава на меѓуетничката интеграција и градењето меѓусебна почит. Во училиштето беше спроведен и вонреден инспекциски надзор од страна на Просветниот инспекторат. При надзорот не се констатирани никакви пропусти во постапувањто и работењето на училиштето и наставниот кадар, ниту пак се утврдени какви било елементи на дискриинација.

Решително ги демантираме шпекулациите дека училиштетто повторува ученици за да ја одржува бројката на ученици. Доколку тоа беше причина таквата пракса ќе се применуваше во полседните 20 години, период во која бројката на учениците континуирано опаѓа.“, соопштува Трајков, за М-Нет телевизија.

Инаку, околу 20 деца во оваа Општина вчера не ја започна новата учебна година во ООУ Гоце Делчев. Револтираните родители реагираа поради одлуката 11 ученици да ја повторуваат годината, од кои девет се од турската заедница. Тие тврдеа дека други ученици ја поминале годината и со 10 или 11 единици, додека нивните деца, иако имале помалку слаби оценки, останале да ја повторуваат годината. Нивните останати деца исто така се разочарани од ситуацијата и не сакаат да одат во училиште. Во врска со настанот, нашата телевизија електронски се обрати до МОН, од каде до емитување на прилогот не добиве повратна информација .

Иван Митев, М-Нет