
Стефан Спасов од Факултетот за природни и технички науки и Тамара Атанасова од Факултетот за информатика се студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кои годинава се меѓу добитниците на највисокото признание за млади инженери во државата – „Инженерски прстен 2026“. Спасов дипломирал минатата година, а сега веќе е студент на втор циклус студии на дизајн и ентериер. Тој раскажува дека оваа награда за него е признание за вложениот труд, посветеноста во изминатите години и потсетник за одговорноста како млад инжењер во иднина.
,,Претходната година дипломирав и сега сум на втор циклус студии на истата насока, дизајн и ентериер мебел. Оваа награда претставува признание за трудот кој го имам вложено, за посветеноста низ годините која ја имам вложено и еден вид на поттик и потсетник на одговорноста која ја имаме како млади инжињери за иднинада, за тоа дека треба да создаваме и дека треба постојано да се надоградуваме во нашата сфера. Јас уште од мали години единствено што сакав да го студирам беше архитектурата, но кога дознав дека постои сфера и насока на дизајн и ентериер, уште од тогаш се одлучив и се освртив кон оваа сфера”, рече Спасов
Свеченото доделување, кое традиционално се одржува по 23. пат, ќе се одржи на 4 септември 2026 година (петок), со почеток во 11:00 часот, на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид. На манифестацијата ќе бидат наградени вкупно 14 најдобри дипломирани инженери од сите универзитети во Македонија, а на присутните ќе им се обратат претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов, и претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Дејан Метикош.
Ева Тушевска, М-Нет