220 хектари шума изгореа во пожарот кај Делчево, огнот ставен во мирување

Ставен во мирување пожарот кој избувна вчера во 10:30. Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски ја информираше јавноста дека ТППЕ Делчево, Полиција за заштита и спасување, Гранична полиција на МВР и Македонски шуми откако ги лоцирале најкритичните точки излегле на терен и започнале со интервенцијата. Гоцевски соопшти дека се работи за 220 хектари изгорена борова и дабова шума. Тој упати апел до сите жители на Општина Делчево и цела Македонија да внимаваат при движење во природа, оти и најмала грешка може да заврши фатално.

,,Пожарот којшто избувна вчера некаде во 10:30 во моментот е локализиран и ставен во мирување. По сите информации што ги имам како Претседател на кризниот штаб сакам да ја информираат јавноста дека нашата ТППЕ, Полицијата за заштита и спасување, Граничната полиција на МВР и на Македонски шуми кои излегоа на терен, исто пчретходно добро направена опсервација со дрон, беа лоцирани сите критични точки, по што веднаш се пристапи на терен на локално гасење на самиот пожар. По тоа што го имаме како информации се работи за површина негде изгорена Борова и Дабова шума од 220 хектари што е значително голема површина и е уште еден мотив да упатам уште еден голем апел до сите жители на Општина Делчево, жители на Македонија, мораме да внимаваме кога се движиме во природа и дека една мала нечовечка грешка може да предизвика голема материјална штета, загуба на човечки животи. И во оваа прилика сакам да упатам искрена благодарност до сите оние добронамерници и пријатели на Делчево коишто ни помогнаа да се справиме со вака настаната кризна ситуација“, рече Гоцевски

Градоначалникот Гоцевски се заблагодари на сите пријатели и добронамерници на Општина Делчево кои помогнале во настаната кризна ситуација.

Ева Тушевска, М-Нет