Во саботата во Претор и Сливница успешно се одржа инклузивната велосипедска тура „Преспански аванТУРИ“, во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, реализиран од страна на Здружението Иклуалити од Скопје, во партнерство со Здружението Иднина на традицијата од Ресен.

Во мирна и позитивна атмосфера, преку 50 учесници возеа долж крајбрежјето на Претор и Сливница со стандардни и адаптивни велосипеди, уживајќи во природата, движењето и заедничкото дружење покрај Преспанското Езеро.
Меѓу учесниците имаше и возрасни и деца, а особен интерес предизвикаа адаптивните велосипеди. По турата, за време на пикникот и дружењето во Претор, присутните имаа можност да ги испробаат различните велосипеди и одблизу да видат и искусат како функционира велосипед прилагоден за различни потреби. Настанот го проследија и претставници на УНДП, со што дополнително беше нагласена важноста на иницијативите кои ги поврзуваат инклузијата, активниот туризам и развојот на локалната заедница.

„Најважно за нас беше да создадеме настан во кој различни луѓе можат заедно да возат, да се дружат и да ја доживеат Преспа без поделби. Најмногу не радува што видовме деца и возрасни со огромна љубопитност да ги пробуваат адаптивните велосипеди што ни покажува дека токму преку вакви искуства се создава поголемо разбирање, прифаќање и природно чувство за еднаквост“, изјави Гере Трипков од Здружението Икуалити.
Првиот „Рент адаптив вело“ во Преспа
Со велосипедската тура беше промовирана и новата услуга „Рент адаптив вело“, со што адаптивните велосипеди не остануваат само дел од еднодневниот настан. Во Здружението Иднина на традицијата, аадаптивните велосипеди ќе бидат достапни за користење и изнајмување. На овој начин се создава трајна можност лицата со попреченост, нивните семејства и сите посетителите на Преспа и по завршувањето на проектната активност да имаат пристап до адаптивно велосипедско искуство.

„Магијата на Преспа“ продолжува – следува Преспа Ритрит
Следната голема активност е „Преспа Ритрит“, кој ќе се одржи од 1 до 5 септември во Брајчино, Преспа – петдневно искуство посветено на релаксација на телото и умот, движење, музика, јога, ајурведа и поврзување со себе и природата. Со ограничен број учесници и програма водена од повеќе ментори, Препса Ритрит ќе продолжува да создава простор за нови, одржливи и автентични туристички искуства кои ги поврзуваат природата, здравјето, благосостојбата и луѓето. Повеќе информации: https://cosense.me/
Проектот „Магијата на Преспа“, е дел од на програмата #ЕУзаПреспа, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Целта на проектот е преку конкретни и одржливи активности да се промовираат инклузивниот и активен туризам, пристапноста, благосостојбата, еднаквото учество и природните потенцијали на Преспанскиот регион.
Текстот Со адаптивни велосипеди покрај Преспанско Езеро: 50 велосипедисти покажаа дека различни луѓе можат заедно да возат е превземен од МАКФАКС.