„ДПМНЕ три години го крши Законот за субвенциониран студентски оброк, студентите оштетени за 6,5 милиони евра“, вели Ванчева

На денешната прес-конференција, генералниот секретар на Црвена Младина, Марија Ванчева, посочи дека „ДПМНЕ три години не го почитува законското право на студентите на усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата, со што студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра“.

„Доказ за тоа дека ДПМНЕ не се грижи за народот, туку само за своето гласачко тело, е тоа што и оние минимални права кои законски им следуваат на студентите, ДПМНЕ спротивно на закон им ги ускратува. Имено, од студентите противзаконски се скратени околу 6,5 милиони евра!“, истакна Ванчева.

Станува збор за конкретна законска обврска. Законот за субвенциониран студентски оброк предвидува зголемување на износот согласно годишната инфлациска стапка пред донесувањето на Буџетот за наредната година. И покрај тоа што во меѓувреме се донесени три годишни буџети, износот на субвенционираниот студентски оброк останал непроменет.

„Иако поминаа 3 годишни буџети, мизерниот износ за субвенциониран студентски оброк остана ист! Односно, три години властите на секој студент му скратиле 650 денари месечно коишто законски му следувале“, посочи Ванчева.

Според Црвена Младина, ова не е само прашање на висината на еден студентски надоместок, туку показател за тоа кои граѓани власта ги става во својот политички фокус. Додека трошоците за живот растат, студентите не добиваат ниту законски предвидено усогласување на средствата што им следуваат.

„Ова е доказ дека во Македонија владее систем на геритократија! Ориентацијата на ДПМНЕ кон нивното гласачко тело ги држат и пензионерите и студентите во заложништво на различен начин“, рече Ванчева.

Ваквиот однос е особено проблематичен во услови кога младите масовно ја напуштаат државата, а власта не нуди сериозна политика за подобрување на нивниот материјален и студентски стандард.

„ДПМНЕ не нуди апсолутно никаква стратегија за подобрување на студентскиот стандард и за задржување на младите во Македонија. Гледаме како студентите и младите се тотално заборавени, игнорирани од страна на власта до степен да им ускратуваат дури и законски пропишани права!“

Црвена Младина веќе работи на креирање посоодветно и рационално решение за субвенционирање на студентскиот оброк. Дотогаш, пратениците од Левица ќе поднесат итна измена на Законот за субвенциониран студентски оброк, со која ќе се овозможи сумата која три години останува непроменета спротивно на законската обврска конечно да се зголеми.

На тој начин, Левица ќе инсистира државата да престане да ги третира студентите како политички безначајна категорија и конечно да започне да ги почитува нивните законски загарантирани права.

Текстот „ДПМНЕ три години го крши Законот за субвенциониран студентски оброк, студентите оштетени за 6,5 милиони евра“, вели Ванчева е превземен од МАКФАКС.