Дургутова: Дискриминацијата продолжува, ДПМНЕ одби поголема законска заштита за бремените работнички

На денешната прес-конференција, советничката од Левица, Маја Дургутова, предупреди дека последниот случај утврден од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација уште еднаш покажува дека бремените работнички во Македонија сè уште не уживаат ефикасна институционална заштита.

Дургутова потсети дека Комисијата утврдила дискриминација врз основа на пол, род и бременост, откако само два дена по сознанието дека вработената е бремена, работодавачот започнал со дисциплински опомени, притисоци и обиди таа спогодбено да го раскине работниот однос. Како последица на ваквиот третман, работничката завршила на боледување поради нарушена здравствена состојба.

„Ова не е изолиран случај. Во изминатите години јавноста беше сведок на бројни случаи на непродолжување на договори за вработување на бремени работнички, деградирања по враќање од породилно отсуство и други форми на дискриминација поврзани со бременоста и мајчинството. И самата Комисија предупреди дека расте бројот на претставки токму по овие основи“, истакна Дургутова.

На прес-конференцијата беше посочено дека токму поради ваквите злоупотреби, Левица годинава предложи измени на Законот за работните односи со кои ќе се зајакнеше заштитата на бремените работнички и ќе се спречеше злоупотребата на договорите за вработување на определено време. Предлогот беше одбиен од пратениците на ДПМНЕ.

Според Левица, ова е уште една потврда дека Владата, кога треба да избира помеѓу интересите на работниците и интересите на капиталот, секогаш застанува на страната на големите работодавачи. Додека стопанските комори добиваат внимание кога бараат нови поволности, барањата за поголема правна заштита на работниците се отфрлаат под изговор дека не треба да се „оптоварува стопанството“.

Левица повторно ги повика пратениците од ДПМНЕ да ги поддржат предложените измени на Законот за работните односи и да обезбедат вистинска, а не декларативна заштита на бремените работнички. Од партијата порачаа дека трудовото законодавство не смее да биде инструмент за заштита на интересите на капиталот, туку гаранција дека работниците ќе бидат заштитени тогаш кога се најранливи.

Текстот (Видео) Дургутова: Дискриминацијата продолжува, ДПМНЕ одби поголема законска заштита за бремените работнички е превземен од МАКФАКС.