Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања нагласи дека сите лаги на Владата на ВМРО за наводниот економски напредок пропаднаа. Филипче посочи дека граѓаните живеат сè потешко, а Македонија е на дното во Европа по животен стандард.
„Паѓаат во вода приказните за стандардот. Секој ден ви е полна устата. Четврти сме биле во Европа, трети, сега сме први, ама луѓето знаат како живеат. Тие живеат на работ на егзистенцијата. И сега Евростат го потврди тоа. Последни сме во Европа по стандардот и по примањата, најниски, на дното. Не само што сме на дното, нема изгледни политики, најави кои тоа ќе го коригираат“, рече Филипче.
Тој нагласи дека додека Владата се фали со непостоечки економски успеси, реалноста е дека граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања, без никакво зголемување на платите и без мерки што би им помогнале да го издржат товарот на кризата.
„Нема најави за зголемување на стандардот, нема најави за зголемување на платите. Сè порасна, сите цени се зголемија, освен платите. Тие стагнираат. Се зголеми парното, се зголемија повторно горивата, повторно нема мерки за помош на одредени категории на граѓани, поскапе данокот на имот, сè е поскапе, но платите стагнираат. Луѓето се на работ на егзистенцијата“, истакна Филипче.
Во своето обраќање Филипче посочи дека граѓаните веќе јасно знаат кој е одговорен за економската криза, за здравтсвената криза, за корупцијата, за блокираниот европски пат и директно го праша премиерот дали ќе ја преземе одговорноста.
„Моето прашање е следно: Кој е премиере крив за овие работи? Јас знам, вие ќе кажете, Венко е крив, СДСМ е крива за сè ова, меѓутоа граѓаните знаат дека вие ја сносите одговорноста за сите овие работи. Но сакам тоа да го слушнам од вас. Кој е премиере крив за сите овие работи во државата? “, праша Филипче.
Текстот (Видео) Филипче до Мицкоски: На дното на Европа сме по животен стандард, вашите лаги паднаа е превземен од МАКФАКС.