Брегалница со екстра засилување: Голгетерот Иван Глигоров се врати во Штип

Прволигашот Брегалница доби екстра засилување откако клубот од Штип го потврди трансферот на Иван Глигоров, кој се враќа во дресот на „сините“, со што повратникот во елитата добива квалитетен фудбалер кој е докажан голгетер, а кој минатата сезона беше најдобар стрелец на Охрид во Втората македонска фудбалска лига.

Глигоров доаѓа од редовите на прволигашот Арсими, за кој тим одигра еден меч против Тиквеш во Кавадарци, а потоа реши да се врати во Брегалница. Минатата сезона настапуваше за Охрид каде беше прво име за постигнати погодоци, а кариерата ја започна во италијанската IMS фудбалска академија, потоа беше дел од подмладокот на португалскиот гигант Национал.

На 19 години од Португалија направи трансфер во Брегалница, а потоа беше дел од Охрид.

Од Брегалница очекуваат Глигоров да биде големо засилување, и да важна алка во тимот на Никола Кузманов. Интересно е тоа што Глигоров би можел да дебитира против Арсими во Штип односно против својот довчерашен клуб.

Александар Ванев, М-Нет