Потпишан е договорот со ЈП „Хидросистем Злетовица“

Новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски потпиша Договор за соработка со ЈП Хидроелектранен систем „Злетовица“ – Пробиштип, со што се отвора патот за реализација на грант од 2 милиони долари обезбеден од Светска банка. Со договорот ќе се подготвува документацијата за проектите за наводнување и производство на електрична енергија, кои се дел од втората и третата фаза на системот „Злетовица“.

„Денес потпишавме Договор за соработка помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Јавното претпријатие Хидроелектранен систем „Злетовица“ – Пробиштип, со што го отворивме патот за практично спроведување на грантот од 2 милиони американски долари обезбеден од Светска банка. Во следните 18 месеци ќе се ажурира и комплетира документацијата за Фаза 2 – наводнување и Фаза 3 – производство на електрична енергија. Ќе се ревидираат техничките студии и инженерските решенија, ќе се зајакне документацијата за безбедност на браните и ќе се подготват еколошките, социјалните и тендерските документи потребни за проектот да влезе подготвен во инвестициска фаза. Во Фаза 2 се предвидува наводнување на околу 4.500 хектари земјоделско земјиште во Пробиштипско и Кратовско. Фаза 3 го опфаќа хидроенергетскиот потенцијал на системот со вкупна проектирана моќност од околу 10 мегавати и очекувано годишно производство од приближно 48 милиони киловат-часови електрична енергија на годишно ниво. Идната инфраструктурна инвестиција е проценета на околу 103,2 милиони евра. “- Изјави новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски

Серафимовски вели дека државата ќе обезбеди околу 27 милиони евра за експропријација, ДДВ и други јавни давачки, со цел проектот да биде подготвен за реализација. Тој посочи дека наводнувањето на 4.500 хектари земјоделско земјиште ќе донесе нови можности за земјоделците, а целосното искористување на „Злетовица“ ќе придонесе и за производство на чиста енергија.

„Нашата задача е да обезбедиме квалитетна документација, целосна институционална подготвеност и проект способен навреме да премине во реализација. За таа цел, државата ќе се вклучи со околу 27 милиони евра средства кои ќе опфатат покривање на трошоците за експропријација, ДДВ и други релевантни јавни давачки. За земјоделците од Пробиштипско и Кратовско, наводнувањето на околу 4.500 хектари ќе овозможи производството да се планира според потенцијалот на земјоделското земјиште и потребите на пазарот, а не според количината на врнежи. Тоа ќе отвори простор за воведување на нови култури, поефикасно користење на обработливите површини и развој на локалните капацитети за откуп и преработка на земјоделските производи. Со целосното искористување на хидроенергетскиот потенцијал, Злетовица ќе придонесува и за производство на чиста домашна енергија и за поголема енергетска отпорност на државата. Нашата одговорност е овој систем да го довршиме и водниот потенцијал на регионот да го претвориме во конкурентна вредност во земјоделството, за енергетиката и за луѓето што живеат овде. “- додаде Серафимовски

Со овој договор се продолжува процесот за целосна реализација на системот „Злетовица“, кој треба да донесе нови придобивки за земјоделството, енергетиката и локалниот развој во регионот. Проектот се очекува да биде важен чекор кон подобро искористување на водниот потенцијал и создавање услови за одржлив развој.

Дајана Сандева, М-Нет