
Долгорочно решение за ниските цени и проблемите со откупот на оризот најави од Пробиштип, на денешната прес-конференција, новиот министер за земјоделство Борче Серафимовски. Тој посочи дека Министерството разговара со оризопроизводителите и откупувачите за да се надмине актуелната состојба со нискиот откуп и залихите, но и да се најде трајно решение за проблемите што се повторуваат секоја година.
„Да. Значи, на оваа проблематика пристапивме уште десетина дена порано со мојата прва посета во Чешиново со оризопроизводителите, каде што ги согледавме сите ситуации коишто ги имаат како проблеми, предизвици и останати работи во тековниот период. Да, значи во моментот имаме залихи на ориз и оризова арпа коишто стојат и кај производителите и кај откупувачите, но главниот момент е цената којашто ќе треба да биде предмет на договор помеѓу едните и другите.“, кажа Серафимовски
Откупот на оризовата арпа продолжува, а цената во моментов се движи од 18 до 25 денари за килограм, зависно од квалитетот. Министерот вели дека ќе се работи на конкретни мерки за следната реколта, за проблемите со откупот и цената да не се повторуваат секоја година.
„Во моментот имаме продолжување на откупот на оризовата арпа и, како што спомнавте, 18 денари е минималната цена којашто ја откупуваат, но сепак, согласно квалитетот на оризовата арпа, таа се движи и 20 до 25 денари, информација што утрово ја добив од откупувачите на ориз. Така да, кон овој проблем пристапуваме комплексно. Жалам што дојдов во период каде што веќе проблемот ни беше на маса ставен и сега пробуваме да најдеме решение коешто ќе го надмине овој момент, но затоа во наредниот период, со подготовка за новата реколта, а воедно и по завршувањето на истата, ќе отпочнеме со решение и практични мерки за да можеме да се подготвиме за наредната.“, подвлече Серафимовски
Целта како што посочи Серафимовски е проблемот да се надмине и никогаш да не се повторува. Во наредниот период министерството ќе бара решение коешто ќе биде од подолг период и ќе биде во корист и на едната и на другата страна.
Иван Митев, М-Нет